Продолжува модернизацијата на студентските домови со успешно завршената реконструкција на фасадата на студентскиот дом „Стив Наумов“, еден од најголемите студентски капацитети во државата. Со реализацијата на овој значаен инфраструктурен зафат, домот доби современ и целосно обновен надворешен изглед, но уште поважно – значително се подобрија условите за енергетска ефикасност и квалитетот на живеењето на студентите.
Во рамки на реконструкцијата е изведена нова високо ефикасна термоизолациона фасада, која овозможува значително намалување на топлинските загуби во зимскиот период и подобра заштита од високите температури во летните месеци. Со ова се обезбедува постабилна внатрешна температура, поголема удобност за студентите и намалена потрошувачка на енергија.

Како дел од проектот, целосно се заменети и прозорците со нови, енергетски ефикасни PVC прозорци со високи термоизолациски перформанси. Новата столарија дополнително придонесува за подобра звучна и топлинска изолација, поголема функционалност и подолг век на објектот.
Овие инвестиции претставуваат важен чекор кон создавање современи, функционални и одржливи студентски домови кои ги исполнуваат европските стандарди за енергетска ефикасност и обезбедуваат подобри услови за живот и студирање.

Со новата фасада и заменетата енергетски ефикасна столарија, студентскиот дом „Стив Наумов“ денес претставува пример за успешно реализирана реконструкција која не само што го унапредува визуелниот изглед на објектот, туку носи и долгорочни придобивки преку намалени трошоци за енергија, поголема удобност и поквалитетна средина за студентите.


