Комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос заедно со Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, евроамбасадорот Михалис Рокас, претставници на Германската развојна банка KfW и партнерските институции го посетија студентскиот дом Стив Наумов, чија реконструкција е една од посочените инвестиции што наскоро ќе биде целосно заокружена.

Во рамки на посетата, беа претставени досегашните резултати и придобивките што оваа инвестиција ќе ги донесе за студентите и за животната средина.
Посетата претставува силна потврда за заедничката посветеност и успешната соработка помеѓу Министерството за образование и наука, Европската Унија и Германската развојна банка KfW кон создавање современи, енергетски ефикасни и функционални студентски домови, кои ќе обезбедат подобри услови за живеење и учење за идните генерации студенти.
Реконструкцијата е дел од пошироката инвестиција за создавање современи, енергетски ефикасни и функционални услови за живеење и учење, што ќе обезбедат подобар студентски стандард за идните генерации.

По посетата на објектот, Комесарката Кос и Министерката Јаневска учествуваа на отворена дискусија со млади студенти, за студентското живеење, енергетски ефикасните инвестиции, како и можностите за младите, образованието и нивната иднина.

Во своите обраќања, претставниците на институциите истакнаа дека инвестициите во современа образовна инфраструктура претставуваат инвестиции во младите, нивното образование и иднината на државата. Како земја во развој, поддршката од Европската Унија и партнерските институции е од големо значење за забрзување на развојот и интегрирање на националното образование кон европскиот образовен простор.


