July 6, 2026

Капацитетите за сместување во студентскиот дом „Стив Наумов“ се во завршна фаза на реконструкција – Современи услови за новата генерација студенти

Реконструкцијата на внатрешните капацитети за сместување во студентскиот дом „Стив Наумов“ е во својата завршна фаза, при што речиси целосно се завршени сите градежни, инсталациски и завршни работи. Со оваа инвестиција, домот добива целосно обновен и современ внатрешен простор, кој ќе обезбеди значително поквалитетни услови за живот, учење и секојдневен престој на студентите.

Во рамките на реконструкцијата се изврши комплетна обнова на собите, ходниците и санитарните јазли. Поставени се нови подни облоги, обновени се ѕидовите и плафоните, заменета е внатрешната столарија, модернизирани се електричните и водоводните инсталации, а инсталирано е и ново, енергетски ефикасно ЛЕД осветлување. Санитарните простории се целосно реконструирани со нова санитарна опрема, нови керамички плочки и современи елементи кои овозможуваат подобра функционалност, хигиена и удобност.

Особено внимание е посветено на подобрување на квалитетот на сместувањето, при што секоја просторија е уредена согласно современите стандарди за студентско домување. Обновените простории нудат значително подобри услови за престој, поголема удобност и попријатна атмосфера за студентите.

Воедно, опремувањето со нов мебел е во завршна фаза, при што се поставуваат нови кревети, душеци, гардеробери, работни бироа, столици и останата неопходна опрема. Со финализирањето на мебелот, студентските соби ќе бидат целосно подготвени за прием на студентите пред почетокот на новата академска година.

Реконструкцијата на внатрешните капацитети претставува значаен чекор кон создавање современ студентски дом кој ќе обезбеди достоинствени услови за живеење и студирање. По долг период, студентите ќе добијат функционален, модерен и целосно обновен простор што ќе ги исполнува современите стандарди за безбедност, комфор и квалитет.

Со завршувањето на оваа фаза, студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе биде подготвен да ги пречека своите станари во целосно обновени сместувачки капацитети, создавајќи подобра средина за учење, дружење и секојдневен студентски живот.