Со потпишувањето на нов договор за заем и неповратен грант, обезбедени се средства за продолжување на втората фаза од обновата на државните студентски домови – чекор поблиску до целосна трансформација на домовите во модерни и функционални простори.
Министерството за образование и наука продолжува со инвестициските активности за подобрување на инфраструктурните услови за поквалитетна едукација и унапредување на студентскиот стандард. За оваа намена, од Германската развојна банка KfW, а со поддршка од Европската унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, обезбедени се средства со кои ќе се реализира втората фаза од процесот на темелна и енергетски ефикасна обнова на преостанатите седум државни студентски домови, со оглед дека домовите „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ се во активна фаза на обнова. Дополнително, преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан поддржана од Европската Унија, обезбеден е неповратен грант.

Договорите за користење на средствата ги потпишаа министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и Пабло Алварез Обрадор – директор за енергетика за Југоисточна Европа и Турција во Германската развојна банка KfW, а во присуство на Штефан Худолин – раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Скопје и заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Јан-Аксел Фос.
Оваа крупна инвестициска активност е значаен исчекор во унапредувањето условите за живот и учење на младите во Македонија, зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти и значително намалување на емисиите на CO₂.

